
НЛБ Банка го заврши првото полугодие од 2026 година, продолжувајќи со силен раст и успешна реализација на своите стратешки приоритети. Според неревидираните финансиски резултати, Банката ја зголеми кредитната активност, оствари раст на депозитната база и дополнително ја зацврсти својата финансиска позиција, потврдувајќи ја довербата на клиентите и својата стратешка улога во поддршката на населението, компаниите и домашната економија.
Во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2026 година, НЛБ Банка оствари нето добивка од 1.722 милиони денари, што претставува зголемување од 7% во однос на истиот период минатата година. Остварениот резултат е потврда за успешното спроведување на деловната стратегија, прудентното управување со ризиците и оперативната ефикасност.
Во текот на истиот период, Банката продолжи со спроведување на својата стратегија за раст. Како резултат на тоа, на крајот на јуни 2026 година, вкупната актива достигна 158,6 милијарди денари и бележи годишен раст од 16,1%, додека вкупните кредити и вкупните депозити забележаа раст од 20,3% и 13,6%, соодветно. Овие показатели уште еднаш ја потврдуваат довербата што клиентите ѝ ја укажуваат на Банката, како и нејзината активна улога во поддршката на економијата и заедницата во целина.
Истовремено, согласно својата стратешка определба, во споменатиот период Банката продолжи со инвестиции во дигитализацијата и модернизацијата на своето работење преку развој на нови решенија, унапредување на услугите и модернизација на деловната мрежа. Паралелно со деловните активности, НЛБ Банка продолжи да придонесува кон развојот на заедницата преку општествено одговорни иницијативи и партнерства, во согласност со својата заложба за одговорно и одржливо банкарство.
Ваквиот пристап и континуираните вложувања во развојот на современи услуги и решенија беа препознаени и на меѓународно ниво. НЛБ Банка по осми пат ја доби наградата „Најдобра банка во Македонија”, а годинава за првпат и признанието „Најдобра дигитална банка во регионот на Централна и Источна Европа”, кои ги доделува финансискиот магазин EMEA Finance Europe. Дополнително, Банката доби уште едно престижно признание за „Најдобра банка за физички лица во Македонија” од Euromoney Awards for Excellence 2026. Овие признанија претставуваат потврда за успешното работење, иновативноста и континуираните вложувања во унапредување на клиентското искуство и современото банкарство.
Во периодот што следува, НЛБ Банка останува посветена на реализација на своите стратешки приоритети, со фокус на иновациите, дигиталната трансформација, одржливото банкарство и натамошното унапредување на клиентското искуство, создавајќи долгорочна вредност за клиентите, акционерите и заедницата.











