Животот во Германија станува луксуз: Речиси половина граѓани едвај можат да си дозволат домување

„Домувањето станува финансиски товар за сè повеќе станари“, рече Улрих Штефан, главен стратег на Дојче Банк за корпоративни и приватни клиенти.

Просечниот германски граѓанин се соочува со сè поголеми потешкотии да ги покрие киријата и поврзаните трошоци, според анкетата на YouGov објавена во понеделник, 27 јули.

Скоро еден од двајца, 48,5 проценти, од 1.109 испитаници од репрезентативен примерок рекле дека „едвај“ можат да си ги дозволат овие трошоци.

Скоро еден од осум, 12,2 проценти, рекле дека живеат над своите можности.

Само една третина, 34,1 процент, од испитаниците во анкетата спроведена на почетокот на јули рекле дека „добро“ можат да си дозволат трошоци за домување. Две години претходно, 44 проценти од испитаниците одговориле на истото прашање.

„Домувањето станува финансиски товар за сè повеќе станари“, рече Улрих Штефан, главен стратег на Дојче Банк за корпоративни и приватни клиенти.

Резултатите од анкетата „покажуваат колку е важно достапното домување за општеството и колку се промениле животните реалности на станарите и сопствениците на домови во меѓувреме“, додаде тој.

Околу три петтини од станарите денес мора да потрошат најмалку 30 проценти од нето-приходот на своето домаќинство за изнајмување стан и поврзани трошоци, покажува анкетата, пренесува ДПА.

Речиси една третина, 29,7 проценти, рекле дека домувањето зафаќа дури 40 проценти од нивниот нето-приход.

Во исто време, околу половина, 47,9 проценти, од станарите велат дека би сакале да живеат во свој стан. Најголемата пречка за купување е недостатокот на пари.

Речиси ист број станари, 45,8 проценти, проценуваат дека единствениот начин да се добие стан е преку наследство.