Црна Гора воведува платено менструално отсуство

Ова право, како што објави Вијести, се однесува на жени кои имаат болни менструални циклуси предизвикани од органски причини, како што се ендометриоза, фиброиди, полипи и други гинеколошки заболувања.

Црна Гора воведува два дена платено менструално отсуство месечно. Собранието на Црна Гора усвои измени на Законот за здравствено осигурување, со кои на жените со дијагностицирана секундарна дисменореја, болни менструални циклуси придружени со грчеви, гадење и замор, им се обезбедува право на два дена платено отсуство месечно.

Ова право, како што објави Вијести, се однесува на жени кои имаат болни менструални циклуси предизвикани од органски причини, како што се ендометриоза, фиброиди, полипи и други гинеколошки заболувања.

Иницијативата за измена на законот беше поднесена во март оваа година, во пресрет на Меѓународниот ден на жената, од независната пратеничка Јевросима Пејовиќ.

Предлог-законот претходно беше едногласно поддржан на седниците на Комисијата за здравство, труд и социјална грижа и Законодавно-правната комисија.

Во образложението на законот се наведува дека целта на измените е соодветно регулирање на дијагностицираните патолошки состојби на секундарна дисменореја, елиминирање на предрасудите на работното место и воспоставување рамнотежа помеѓу зачувувањето на здравјето и професионалните обврски на жените.

Како што е нагласено, на жените со секундарна дисменореја им се признава правото на посебна состојба на привремена неспособност за работа.

Секундарната дисменореја вклучува болни менструални тегоби предизвикани од претходно дијагностицирани гинеколошки заболувања, како што се ендометриоза, фиброиди, воспаление на јајниците, ендометријални полипи и синдром на полицистични јајници, како и состојби кои можат да бидат придружени со болен сексуален однос, тешкотии при мокрење, неплодност или обилно менструално крварење.