
Американскиот технолошки гигант Амазон вчера достигна пазарна вредност од три трилиони долари за прв пат, благодарение на новиот бран оптимизам кај инвеститорите околу развојот на вештачката интелигенција.
Акциите на компанијата пораснаа за околу 3,1 процент на рекордни 279 долари, со што овогодинешното зголемување на вредноста изнесува 17,5 проценти, објавува Ројтерс.
„Амазон“ минатата недела објави дека нејзините приходи од облачниот сегмент (AWS) во вториот квартал од 2026 година скокнале за 37 проценти на годишно ниво на 42,2 милијарди долари, што е најбрз раст во овој сегмент за повеќе од четири години, објави CNBC.
Во вториот квартал, вкупните приходи на „Амазон“ се зголемија за 20 проценти на 200,6 милијарди долари, надминувајќи ги очекувањата од 197 милијарди долари.
Извршниот директор на „Амазон“, Енди Џаси, изјави дека побарувачката за компјутерски капацитет е толку голема што компанијата, и покрај зголемените инвестиции, сè уште нема доволно инфраструктура за да ги задоволи сите потреби на клиентите, објави CNBC.
„Амазон“ ги зголеми проценетите капитални расходи (capex) за оваа година за 10 проценти, на околу 220 милијарди долари, првенствено поради изградба на центри за податоци, купување чипови и развој на инфраструктура за вештачка интелигенција.
Сепак, големите инвестиции не ги исплашија инвеститорите кои проценија дека силниот раст на сегментот во облакот ги оправдува големите расходи за инфраструктура за вештачка интелигенција, според аналитичарите на „Блумберг“.











