
Прекршувањето на законските одредби за минималната заработка во Германија резултирало со финансиски загуби проценети на 64 милијарди евра (74 милијарди американски долари) од моментот на воведување на законската минимална плата во 2015 година, според извештајот на Конфедерацијата на германските синдикати (ДГБ).
Анализата на ДГБ, во која имаше увид и германската новинска агенција ДПА, покажа дека од 2015 година наваму, околу два милиони работници годишно биле исплаќани под законски утврдениот минимум. Разликата во плаќањето по работен час варирала меѓу 1,70 и 2,40 евра пониско од дозволениот минимум.
Вкупната штета е поделена на следниов начин: вработените на кои им била исплатена недоволна минимална плата претрпеле загуба од 35 милијарди евра. Фондовите за социјално осигурување останале без 22 милијарди евра од очекуваните придонеси, а буџетот на државата бил покус за седум милијарди евра приходи од данок на доход.
“Дел од недостигот во буџетското финансирање се припишува на криминалните дејствија на работодавци кои не ги почитуваат своите законски обврски”, истакнуваат од ДГБ.
Оваа студија се базира на податоците за приходите и работното време на вработените, собрани преку долгогодишното германско истражување “Социо-економски панел”.
Моменталната законска минимална плата во Германија изнесува 13,90 евра за час, со исклучоци за одредени категории, како што се практикантите.











