
Десетици популарни европски дестинации наметнуваат казни, даноци и други форми на ограничувања за борба против прекумерниот туризам и неговите негативни последици.
Пред две години, Копенхаген започна со поинаков пристап. Имено, тој почна да ги наградува туристите кои покажуваат одговорност и совесно однесување.
Главната цел на таа иницијатива беше да се покаже дека позитивното однесување кон животната средина е многу поедноставно отколку што изгледа и на тој начин да се промовира одржливиот туризам.
Стимулациите за туристите во Копенхаген вклучуваат бесплатно изнајмување велосипеди, како и бесплатни возења со брод и ручеци, за оние кои помагаат во одржувањето на јавните градини, собираат ѓубре или користат јавен превоз.
По тој потег на градските власти во Копенхаген, градови како Хелсинки и Бремен покажаа интерес за сличен систем.
„По лансирањето на иницијативата CopenPay, бевме преплавени со интерес од многу градови и туристички заедници од Европа, Азија и Северна Америка со желба да споделиме повеќе информации за тоа што правиме. Досега го споделивме нашето искуство со повеќе од 100 заинтересирани страни“, изјави за Euronews Сорен Теген Петерсен, кој е главен извршен директор на официјалната туристичка организација на градот Wonderful Copenhagen.
Последниот што започна слична шема е Националниот парк Ексмур во Обединетото Кралство. Моделот „Плати со грижа“ ги наградува одговорните туристи кои собираат ѓубре, снимаат видувања на животни, доаѓаат со велосипед или јавен превоз или споделуваат позитивни впечатоци на социјалните мрежи.
Ваквите посетители можат да добијат попуст од 20 проценти за три центри во паркот лоцирани во југозападна Англија.
„Туризмот е важен за нас, но мора внимателно да го управуваме. Затоа ги охрабруваме посетителите да остават позитивен белег“, рече директорот за комуникации на паркот, Ден Џејмс.
Популарните скијачки дестинации во Алпите нудат награди за пристигнување со зелени начини на транспорт. Во Италија, оние кои доаѓаат во Оулкс со воз добиваат попуст од 20 до 25 проценти на ски билети.
Во Франција, патниците кои пристигнуваат со воз добиваат попуст од 10 проценти на тридневни или подолги ски-карти за областите Ле Гет-Морзин и Портес ди Солеј, како и бројни попусти за сместување, изнајмување опрема, скијачко училиште и други активности.
Оние кои ќе изберат да ја истражуваат Швајцарија со јавен превоз добиваат Swiss Travel Pass и со тоа бесплатен влез во над 500 музеи и до 50 проценти попуст на планинската железница.
Нормандија воведе таканаречена нискојаглеродна тарифа од најмалку 10 проценти попуст на влез во 90 атракции и културни споменици за посетителите кои пристигнуваат со автобус, воз или велосипед.
Лондон го има таканаречениот Јули без пластика, кој ги наградува посетителите и жителите со бесплатен пијалок по учеството во кампања за чистење.
Во мај оваа година, Бремен го воведе BremenPay, кој поддржува опции за одржлив туризам, како што се пристигнување со воз или велосипед. Туристите можат да добијат бесплатни градски тури, кафе и слично по цена на билети за туристички атракции.
Берлин, од друга страна, ги наградува туристите кои се вклучуваат во акции како што се собирање ѓубре или користење велосипеди со бесплатни активности и разни попусти.











