
Плаќањето со банкноти и монети сè уште е широко распространето во еврозоната, но начинот на кој потрошувачите ги плаќаат производите и услугите забрзано се менува. Новото истражување на Европската централна банка покажува дека дигиталните начини на плаќање сè повеќе навлегуваат во продавниците, рестораните и хотелите, додека на дел од продажните места готовината станува сè помалку практична.
Според податоците на ЕЦБ, 92 отсто од компаниите во еврозоната и натаму прифаќаат плаќање во готово. Истражувањето опфатило 8.205 компании од 21 земја во еврозоната.
Сепак, зад оваа висока бројка се забележува јасен тренд – компаниите постепено инвестираат во безготовински системи, самопослужни каси и други дигитални решенија.
Околу една четвртина од анкетираните компании инвестирале во безготовински каси, со што истовремено се намалува бројот на места на кои потрошувачите можат да платат со банкноти и монети.
Дополнително, 13 отсто од компаниите вовеле самопослужни каси, каде што купувачите сами го завршуваат процесот на плаќање.
Особено внимание привлекува податокот дека 48 отсто од компаниите не овозможуваат плаќање со готовина на овие самопослужни терминали.
Тоа значи дека иако готовината формално останува прифатена во голем број продавници, во одредени ситуации потрошувачите можат да се соочат со ограничувања доколку сакаат да платат со банкноти или монети.
ЕЦБ предупредува дека токму ова постепено намалување на можностите за користење готовина може да влијае врз навиките на граѓаните.
Ако потрошувачите сè почесто се соочуваат со каси и терминали на кои може да се плаќа само електронски, готовината може постепено да се доживува како непрактичен начин на плаќање.
На тој начин, и без целосно да биде укината, готовината би можела да има сè помала улога во секојдневниот живот.
Во меѓувреме, плаќањето со картички останува стабилно распространето. Според истражувањето, 88 отсто од компаниите прифаќаат плаќање со картички, што е приближно исто ниво како во претходното истражување на ЕЦБ од 2024 година.
Многу побрзо расте употребата на паметните уреди.
Бројот на компании кои прифаќаат плаќање преку паметен телефон или паметен часовник речиси се удвоил – од 36 отсто во 2024 година на 68 отсто во најновото истражување.











