
УЈП не ги избира даночните обврзници за контрола според тоа дали се големи или мали, туку според ризикот и потенцијалната загуба на даночни приходи. Ризик-профилот на секој обврзник се гради врз основа на десетици индикатори – отстапувања од просеците во дејноста, пријавен промет во однос на податоци од други извори, ДДВ-ефекти, залихи, број на вработени, профитни и даночни стапки, профил на добавувачите и историјата на усогласеност, вeли во интервју за Локално Елена Петрова, директорка на УЈП.
Според неа, функцијата на сопственикот, управителот или поврзаноста со актуелен или поранешен функционер не е критериум ниту за избор, ниту за исклучување од даночна контрола.
– Секој даночен обврзник има ризик-профил и контролите се насочуваат таму каде што е проценет најголем даночен ризик. УЈП врши и контроли по барање на истражните органи, кога тоа е дел од нивните постапки и надлежности, истакнува таа во интервјуто.
Во однос на тоа дали УЈП успева да ги следи приходите од Инстаграм, Фејсбук, Тикток и дали сите што продаваат преку интернет плаќаат данок, Петрова вели дека „дигиталниот приход не значи и невидлив приход“.
-Дигиталниот приход не значи и невидлив приход. УЈП ги следи приходите од различни извори на податоци. Приливите од странство ги добиваме преку податоци од банките, а информации добиваме и од други даночни администрации преку т.н. спонтана размена на информации. Во одредени случаи се користат и други достапни податоци, вклучително и информации од самите платформи.
Но, нашиот прв пристап не е санкцијата. Целта е граѓаните да знаат дека и доходот остварен преку дигитални платформи е доход кој, согласно законските правила, може да подлежи на оданочување и да ги исполнат своите обврски преку самооданочување.
Годинава работевме на информирање за обврските за оданочување на доходот од странство, кој вклучува и доход од онлајн работа. Во моментов особено внимание посветуваме на доходот од туристичко изнајмување преку платформи како Booking и Airbnb, преку кампањата: Фер туризам започнува со пријавен доход. Користиме различни информативни продукти: флаери, брошури, често поставувани прашања, видеа, а покрај објавите на веб страната на УЈП и социјалните мрежи, користиме и директно информирање на едукативни настани. Целта е граѓаните да ги знаат своите обврски и како да ги исполнат.
Воедно, ги следиме европските практики и размислуваме за решенија што ќе овозможат директно добивање податоци од платформите.
Дигитализацијата на економијата и глобалното поврзување преку интернет отвараат простор за нови облици на неформално работење, но воедно овозможуваат и попаметени решенија за функционирање на даноците, вели Петрова.
Целото интервју на Локално.мк











