Рекорден профит за германскиот гигант за оружје

Германскиот производител на оружје „Хеклер и Кох“ (Heckler & Koch) објави дека забележал рекордна добивка во првата половина од годината. Причината се големите издвојувања на членките на НАТО за оружје по рускиот напад врз Украина.

Приходот на компанијата, која е позната по производството на автоматско оружје, митралези, пиштоли и фрлачи на гранати, во првите шест месеци изнесувал 263 милиони евра, што е за 47,1 процент повеќе во однос на истиот период минатата година.

Компанијата од Обернфорф на Некар, југозападно од Штутгарт, ја зголемила нето добивката за повеќе од трипати на 40,8 милиони евра, од минатогодишните 11,8 милиони, пишува ДПА.

Покрај Бундесверот, германската армија, меѓу клиентите на „Хеклер и Кох“ се Франција, Норвешка и балтичките држави, кои особено се стремат да ги зголемат своите одбранбени капацитети.

Обемот на нарачки изнесувал 260 милиони евра во првите два квартала, што е малку помалку во однос на истиот период минатата година.

Сепак, во јули, бизнисот доби сериозен поттик од Бундесверот, кој ја променил првичната нарачка од 120.000 автоматски пушки на 250.000.

„Хеклер и Кох“ вработува 1.400 луѓе, претежно во своето седиште, но планира да го прошири производството во фабрика за оружје во САД.

По инвестициите од околу 100 милиони евра помеѓу 2020 и 2025 година, компанијата сега објави дека до крајот на 2028 година планира да инвестира дополнителни 230 милиони евра во нови машини, модерна инфраструктура и ефикасен процес на производство.