
Германската компанија „Фолксваген“ наскоро ќе се повлече од клучниот европски берзански индекс „Euro Stoxx 50“, бидејќи нејзините акции паднаа за повеќе од 25 проценти од почетокот на годината.
Промената стапува на сила на 21 септември, а „Фолксваген“ ќе му го отстапи местото на францускиот енергетски гигант „Енџи“, објави „Виршафтсвое“.
Дополнително, дел од индексот „Euro Stoxx 50“ од споменатиот датум ќе биде и финската „Нокиа“, на сметка на холандската софтверска компанија „Волтерс Клувер“ (Wolters Kluwer).
Излегувањето на „Фолксваген“ од „Euro Stoxx 50“ е важно и поради инвестициските фондови кои пасивно го следат тој индекс.
Тие ќе мора да ги продадат акциите на „Фолксваген“ и да го пренасочат капиталот кон компаниите вклучени во индексот, што може дополнително да влијае на движењето на акциите на германската фирма.
„Фолксваген“ се обидува да ги намали трошоците и бројот на вработени, но менаџментот смета дека сегашните мерки не се доволни за долгорочен пресврт.
Германските медиуми објавуваат дека Надзорниот одбор на „Фолксваген“ би можел да разгледа радикални чекори за реструктуирање на производството оваа недела.











