
Управата за јавни приходи продолжува со кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, преку која реализира информативно-работни средби со туристичкиот сектор во туристичките места низ земјата.
Во рамки на кампањата, денес во Струга беше одржана средба со издавачи на сместувачки капацитети, хотелиери, угостители и други даночни обврзници од туристичкиот сектор. Средбата беше реализирана во соработка со Општина Струга, со цел навремено информирање на туристичките работници и олеснување на исполнувањето на нивните даночни обврски.
На средбата беа опфатени прашања од особено значење за туристичката сезона, меѓу кои пријавувањето на доходот од издавање недвижен имот, ангажирањето сезонски и повремени работници и пријавувањето на доходот од дејности од времен карактер.
Во однос на издавањето на сместувачки капацитети, беше појаснето дека доходот од издавање апартмани, станови, куќи, вили, соби и други објекти треба навремено да се пријави и да се плати данокот на личен доход. Обврската се однесува и на краткорочното издавање во туристички цели, независно од начинот на плаќање и од тоа дали гостите се домашни или странски.
На присутните им беа презентирани и практични насоки за пријавување на доходот од закуп и подзакуп преку системот е-Даночни услуги, како и за пресметување на данокот на личен доход и примената на признатите трошоци.
Важен дел од средбата беше посветен и на сезонското и повременото ангажирање работници. Работодавачите беа информирани за обврските при ангажирање лица за сезонска или повремена работа и за потребата работниот ангажман да биде формализиран и пријавен согласно Законот за работно ангажирање на лица. Беа дадени и насоки за обезбедување на потребните е-ПДД и МПИН пресметки преку системот е-Даночни услуги.
Посебно внимание беше посветено и на дејностите од времен карактер, со што беа опфатени обврските поврзани со активности како изнајмување кајчиња, педалинки, СУП даски, кануа, кајаци и друга опрема за рекреација на вода, како и продажба на сувенири, ракотворби, накит и уметнички предмети.
Од УЈП беше укажано дека физичките лица кои остваруваат доход од дејности од времен карактер имаат обврска да го пријават доходот и да го платат данокот на личен доход. Пред започнување со дејноста, потребно е да се поднесе Барање за паушално плаќање на данокот на личен доход – Образец ДЛД-П, до надлежната организациона единица на Управата за јавни приходи.
Средбата овозможи директна размена на информации меѓу даночните службеници и туристичките работници, кои имаа можност да постават прашања и да добијат појаснувања за конкретни ситуации од нивното работење.
Од Управата за јавни приходи беше истакнато дека ваквите средби се дел од континуираните активности за информирање, едукација и поддршка на даночните обврзници, со цел навремено и доброволно исполнување на законските обврски.
Пријавувањето на доходот и редовното плаќање на даноците создаваат еднакви услови за сите туристички работници, придонесуваат за намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција и се важен предуслов за создавање поуреден и поконкурентен туристички сектор.
„Со кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“ продолжуваме да бидеме директно присутни меѓу туристичките работници, да ги информираме за нивните обврски и да им обезбедиме поддршка за правилно даночно усогласување“, истакнаа од Управата за јавни приходи.
Пораката од Струга е јасна: фер туризам се гради со информирани туристички работници, пријавен доход и еднакви правила за сите.











