Германија може да се соочи со недостиг од 723.000 квалификувани работници до 2029 година

Германија се соочува со сè поголем недостиг на квалификувана работна сила, а до 2029 година бројот на непополнети работни места би можел да достигне околу 723 илјади. Тоа е речиси двојно повеќе од недостигот од околу 370.000 работници регистриран во 2025 година, покажува најновата студија на Институтот за германска економија (IW).

Најголем недостиг се очекува во продажбата, каде што до 2029 година би можеле да останат непополнети околу 39.100 работни места. Следуваат грижата за деца и образованието со недостиг од околу 29.900 работници и социјалната работа и социјалната педагогија со околу 23.600 лица.

Недостигот ќе биде изразен и во здравството и негата, каде што се очекуваат околу 18.700 непополнети позиции, како и во електроизградбата, со дефицит од околу 17.400 квалификувани кадри.

Според авторот на студијата, Александер Бурштеде, главна причина за влошувањето на состојбата е големиот број работници кои во следните години ќе заминат во пензија, додека на пазарот на трудот не влегуваат доволно млади кадри. Дополнителен предизвик е и сè потешкото привлекување квалификувани работници од странство.

Бурштеде предупредува дека евентуалното економско закрепнување би можело дополнително да ја зголеми побарувачката за квалификувана работна сила, со што притисокот врз германскиот пазар на трудот би се зголемил.

Проекциите на Институтот за германска економија (IW) се изработени врз основа на податоци достапни до крајот на 2024 година и укажуваат дека недостигот на кадар ќе биде еден од клучните предизвици за германската економија во наредните години.