
Администрацијата за енергетски информации на САД (EIA) ги зголеми своите прогнози за цените на нафтата за 2026 година, наведувајќи дека глобалните залихи на сурова нафта брзо се намалуваат поради големите прекини во снабдувањето предизвикани од војната меѓу САД и Иран.
EIA сега очекува цената на северноморската нафта од типот Брент да биде во просек 91 долар за барел оваа година, што е речиси пет проценти повисока од претходната прогноза, објави Ројтерс.
Прогнозата за американската сурова нафта WTI исто така беше зголемена за речиси пет проценти, на просек од 84,65 долари за барел.
Глобалните нафтени залихи се намалија за околу 400 милиони барели оваа година, а EIA очекува нивниот пад да продолжи до крајот на 2026 година.
Конфликтот сериозно го наруши извозот на нафта преку Ормутскиот теснец, клучен поморски пат за транспорт на енергетски производи, како и производството и извозот од земјите од Блискиот Исток.
Според проценката на EIA, прекините на производството на Блискиот Исток достигнаа 6,7 милиони барели дневно во август, додека просечно намалување на производството од 5,7 милиони барели дневно се очекува во четвртиот квартал.
Американската агенција не очекува производството и извозот на нафта во регионот да се вратат на нормални нивоа пред вториот квартал од 2027 година.
Во исто време, EIA очекува дека дел од нафтата повторно ќе почне да поминува низ Ормутскиот теснец, како и дека ќе се користат претовар од брод до брод и алтернативни извозни рути.
Сепак, сигурноста на тие канали за снабдување останува неизвесна поради продолжениот конфликт.
Цените на нафтата дополнително пораснаа по новите напади врз саудиската нафтена инфраструктура, при што Брент накратко надмина 100 долари за барел во среда.
EIA предупреди дека продолжените прекини во снабдувањето би можеле дополнително да ги намалат глобалните залихи и да влијаат на цените на нафтата и инфлацијата.











