
Северна Македонија е позитивен пример во примената на напредни практики на транспарентност на централната банка и ужива висок степен на доверба кај јавноста, истакнува заменик-генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Бо Ли, во интервјуто дадено за публикацијата на Народната банка „80 години централно банкарство: Глобални перспективи, регионална соработка и идни предизвици” (80 Years of Central Banking: Global Perspectives, Regional Cooperation and Future Challenges).
Осврнувајќи се на важноста на независноста на централните банки во услови на глобални предизвици, Ли посочува дека искуството од различни земји покажува оти независните централни банки се во подобра позиција да ја зачуваат ценовната стабилност, да одржуваат стабилни инфлациски очекувања и одлучно да одговорат на економските шокови.
Ли нагласува дека независноста на централната банка не значи дека таа е над демократските институции, туку дека во рамките на јасно дефиниран законски мандат има автономија да ги носи своите одлуки врз основа на податоци, професионална анализа и стручна проценка. Истовремено, независноста мора да оди рака под рака со доброто управување, транспарентноста, отчетноста и јасната комуникација со јавноста.
Во интервјуто, тој посебно се осврнува на искуството на Народната банка. „Одличните резултати на Северна Македонија се позитивен пример”, истакнува Ли, посочувајќи дека нашата земја е меѓу првите земји во коишто е спроведена проценка според Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ. Проценката покажала дека Народната банка веќе применува напредни практики на транспарентност и ужива висок степен на доверба кај јавноста.
Во однос на тоа како можат помалите економии да го зачуваат институционалниот кредибилитет во периоди на неизвесност, Ли издвојува неколку клучни предуслови, а тоа се јасно дефиниран мандат, кохерентна рамка на политики, оперативна автономија, доследност во носењето и објавувањето на одлуките, како и цврстите правни основи, доброто управување, транспарентноста и отчетноста.
Ли ја истакнува и важната улога на ММФ во поддршката на силните и независни централни банки, преку совети за политиките, техничка помош, развој на капацитетите и истражување. Поддршката опфаќа повеќе области, меѓу кои монетарната политика, институционалното управување, правната рамка, управувањето со девизните резерви, супервизијата, статистиката, комуникацијата и управувањето со ризиците.
Интервјуто со Бо Ли е дел од публикацијата „80 години централно банкарство: Глобални перспективи, регионална соработка и идни предизвици”, подготвена во рамките на одбележувањето на јубилејот – 80 години централно банкарство во земјава. Публикацијата е дел од комуникациски проект што опфаќа серијал тематски интервјуа со актуелни и поранешни гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународни финансиски институции и претставници на меѓународни централнобанкарски организации.











