Фолксваген по 15 години испадна од елитниот Euro Stoxx 50

За прв пат во последните 15 години, „Фолксваген“ испадна од најважниот берзански индекс на компаниите со сини чипови во Еврозоната, што, според проценките на трговците, би можело да предизвика дополнителен притисок врз веќе силно погодената цена на акциите на германскиот производител на автомобили.

Компанијата со седиште во Волфсбург го напушти индексот Euro Stoxx 50 како дел од редовниот преглед на неговиот состав од страна на давателот на индексот Stoxx. Индексот е претставен како индикатор за движењето на водечките компании од најважните сектори на еврозоната.

Акциите на „Фолксваген“ изгубија повеќе од три четвртини од својата вредност од нивоата достигнати за време на растот на берзата во 2021 година и паднаа близу до најниското ниво во последните 16 години.

Испаѓањето на еден од најпознатите европски производители од индексот, откако „Стелантис“, сопственикот на „Фиат“ и „Пежо“, исто така беше отстранет од него минатата година, ја истакнува заканата што ја претставува растот на поевтините кинески конкуренти за европската автомобилска индустрија.

Во исто време, инвеститорите се скептични кон историското реструктуирање на „Фолксваген“, за кое се очекува да резултира со отпуштање на 100.000 работни места.

„Целиот сектор е под притисок поради навидум егзистенцијалните ризици со кои се соочува“, рече Мајкл Тиндал, виш глобален автомобилски аналитичар во HSBC. Тој додаде дека ниската пазарна вредност на „Фолксваген“ ја одразува и загриженоста на пазарот за трошоците за реструктуирање.