
Глобалниот недостиг на дизел предизвикан од прекини во снабдувањето поради војните на Блискиот Исток и Украина би можел да продолжи и во 2027 година, бидејќи залихите на клучните пазари се намалуваат и се приближуваат до историски најниски нивоа, според анализата на Ројтерс.
Дизелот е клучен за земјоделството, индустријата и патниот транспорт, а сегашните прекини во снабдувањето доведоа до намалување на количината на дизел достапен на пазарот, празнење на залихите и зголемување на цените на горивата, додаде британската агенција.
Во Соединетите Американски Држави, малопродажните цени на дизелот надминаа 6 долари за галон за прв пат овој месец, зголемувајќи ги трошоците за земјоделците и превозниците.
Вкупните залихи на дизел во САД паднаа на 107,9 милиони барели на 11 септември, што е најниско ниво за овој период од годината откако започнаа евиденциите во 1982 година, според американската Администрација за енергетски информации (EIA).
EIA очекува залихите на дестилати, кои вклучуваат дизел, да останат под 100 милиони барели од септември до крајот на 2026 година и во поголемиот дел од 2027 година.
Резервите на дизел се исто така ниски во Европа.
Во складиштето и трговскиот центар Амстердам-Ротердам-Антверпен (ARA), залихите во јули беа за 16 проценти пониски од петгодишниот просек, според „Инсајтс Глобал“.











