Фондацијата на Гејтс обединува 60 партнери за развој на ВИ бази на податоци

Фондацијата на американскиот милијардер Бил Гејтс започна коалиција во која учествуваа Anthropic, Google, Фондацијата OpenAI и десетици други организации, со цел вештачката интелигенција да стане подостапна на јазици кои денес се слабо застапени во алатките за вештачка интелигенција.

Според соопштението, во коалицијата учествуваат вкупно 60 партнери – водечки компании за вештачка интелигенција, корпорации, филантропски организации и други актери кои веќе работат на проширување на бројот на јазици достапни во технологиите за вештачка интелигенција. Целта на иницијативата е да се допре до повеќе од три милијарди луѓе во текот на следните пет години, преку подобра координација на постојните напори, објавува Асошиејтед Прес.

Извршниот директор на Фондацијата Гејтс, Марк Сузман, изјави за АП дека оваа работа мора да продолжи со полна брзина, и покрај повиците од некои од најголемите компании за вештачка интелигенција да се забави развојот на напредни модели. Тој додаде дека владите треба да го регулираат влијанието на технологијата за вештачка интелигенција врз сајбер безбедноста и развојот на децата, а во исто време да ја прошират нејзината хуманитарна примена на сиромашните заедници кои во моментов се „исклучени“ од технологијата.