
Германската влада планира да ги промени правилата за вработување работници од Западен Балкан и да ја преполови годишната квота од 1 јануари 2027 година. Наместо сегашните 50.000, годишно би можеле да се издаваат само 25.000 одобренија.
Истата намера беше објавена минатата година, откако беше потпишан коалицискиот договор меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД.
Според сегашните правила, граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија можат да работат во Германија ако имаат договор за вработување, пишува Dnevnik.rs.
Како дел од пакетот реформи од 34 точки, CDU/CSU и SPD планираат да ја намалат годишната квота од 50.000 на 25.000 од 1 јануари 2027 година. Централното здружение на германски градежници (ZDB) предупредува дека таков потег би можел да доведе до недостаток на работници и проблеми во спроведувањето на бројни инфраструктурни проекти.
„Тоа би бил тежок удар за градежната индустрија. Околу 30 проценти од визите одат во градежниот сектор. Ниту една друга економска гранка не ја користи оваа регулатива во таков степен“, соопшти ZDB.
Германската влада го објаснува намалувањето на квотата со растот на невработеноста во земјата.
Според податоците од Федералната агенција за вработување, таканареченото Правило за Западен Балкан во принцип важи за речиси сите видови вработување, дури и за работни места за кои не се потребни формални квалификации. Исклучоци се регулираните професии, како што се лекарите, каде што е потребно претходно признавање на професионална квалификација.
„Секој седми работник во градежната индустрија има странски пасош. За нашата индустрија, оваа регулатива претставува најуспешен модел за привлекување работници и експерти од трети земји. Силно предупредуваме за последиците од преполовување на квотата. Градежната индустрија би можела да остане без околу 8.000 работници до крајот на годината“, рече генералниот директор на ZDB.











