На хрватската влада и треба повеќе време од планираното да ја стабилизира состојбата и да ја отвори вратата за нови инвестиции, изјави вчера хрватскиот министер за економија Иван Врдољак во дневникот на Нова ТВ, коментирајќи ја економската состојба во државата и недостатокот на инвестиции.
Запрашан до кога мисли дека граѓаните ќе и веруваат на збор на Владата дека ќе има инвестиции, со оглед на тоа дека невработеноста надмина 370.000, БДП-то и натаму е во минус, а државата постојано се задолжува, Врдољак одговори дека оваа година ќе биде пресвртница.
“Оваа година е пресвртница, затоа што во 2014 ќе се случат низа потпишувања на договори што се подготвуваа последните неколку години, што ќе донесе стабилизација на падот на потрошувачката, пораст на индустриското производство и многу поголеми инвестиции и на тој начин ќе достигнеме позитивен БДП. Кога ќе се врати оптимизмот, тркалото побрзо ќе се врти”, вели Врдољак.