Кина го ограничи извозот на гориво, нов удар за светскиот пазар

Кина денес го ограничи извозот на гориво, што би можело да ги продлабочи нарушувањата на светските пазари за дизел, бензин и авионско гориво предизвикани од војната на Блискиот Исток и нападите на Украина врз руските рафинерии.

Најголемите кинески рафинерии не добија дозвола за извоз на нафта во октомври, соопштија извори на Ројтерс запознаени со ситуацијата.

Кина моментално слави национален празник до 7 октомври, а не е познато дали Пекинг ќе ги обнови лиценците за извоз на нафта после тоа.

Одлуката може да зависи од домашните залихи на гориво и обемот на преработка, според изворите на британската агенција.

Државната компанија „ПетроКина“ во среда откажа неколку пратки бензин и гориво за авиони закажани за октомври, додека приватната петрохемиска компанија „Жеџијанг“ не закажа никакви пратки на нафтени производи за време на празничната недела.

Одлуката на Пекинг е поврзана со неизвесноста околу достапноста на сурова нафта и падот на домашните залихи на гориво.

Според анализата на „Кплер“, комерцијалните залихи на дизел во Кина се околу 20 милиони барели под посакуваното ниво, додека недостатокот на бензин е околу девет милиони барели.

Кина, и покрај тоа што има најголеми капацитети за рафинирање во светот, традиционално заостанува зад Индија и Јужна Кореја во однос на обемот на извоз на гориво.

Сепак, во сегашните услови, нејзиното влијание врз регионалниот пазар е поголемо бидејќи светската понуда веќе се соочува со губење на гориво од Русија и Блискиот Исток.

Владата во Пекинг е фокусирана на сигурно снабдување на домашниот пазар, додека меѓународните залихи се на второ место, изјави раководителката на истражувањето за енергија на Кина во Оксфордскиот институт за енергетски студии, Мишел Мезард.

Во март, по избувнувањето на војната и прекините во снабдувањето со сурова нафта од Блискиот Исток, Пекинг го ограничи извозот на гориво.

Ограничувањата беа ублажени во јули, но Кина сега одобрува количини на дизел, бензин и авионско гориво на месечна основа.