
Стопанската комора на Македонија ќе достави предлог-измени до Министерството за економија и труд за ревидирање на Законот за празниците. Целта на бизнис-секторот е да се надминат сериозните организациски и финансиски проблеми со кои се соочуваат компаниите, зајакнувајќи ја домашната продуктивност.
Анализите на Комората, кои опфатиле 36 европски држави, покажуваат дека Македонија се наоѓа на самиот врв во Европа според бројот на слободни денови. Иако земјава има 11 неработни денови за сите граѓани, со додавањето на петте верски празници за најбројната православна заедница, бројката достигнува 16 неработни денови годишно.
На денешната прес-конференција, проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска истакна дека предлогот не предвидува укинување на постојните празници, туку ревидирање на правото на користење неработни денови.
“Нашиот предлог нема да е бришење или укинување на конкретни празници, туку ревидирање на правата кои произлегуваат од вака дефинирани празници за сметка на барањето за укинување на прослава на дел од празниците. Па дури и сега ваква поставеност на системот може да се третира како систем кој не е во согласност со Уставот, бидејќи некако ги става во нерамноправна позиција граѓаните припадници на различни групи. Ако одиме по таа логика, припадниците на српската заедница или влашката заедница, доколку се православни, имаат најголем број на неработни денови – 11 за сите, пет кои се однесуваат на припадници на православна вероисповед и дополнителни денови кои се однесуваат на конкретната етничка заедница. За сметка, да речеме, на припадник на исламска вероисповед, којшто има помалку денови кои му се предвидени за прослава по однос на ваквите религиски празници. Така, на пример, еве постои небулоза, да речеме, Свети Сава празникот, што кај нас е предвиден како неработен ден за припадници на српската етничка заедница, во соседна Србија не е неработен ден“, рече Димовска.
Според неа, лицата при засновање работен однос би избирале кои празници ќе ги користат од групата празници што не се однесуваат на сите граѓани.
Комората исто така предлага празниците што се паѓаат во недела да не се префрлаат како неработен ден во понеделник.
Иницијативата произлегува од долгогодишните забелешки на работодавачите, кои сметаат дека сегашниот систем создава организациски и финансиски потешкотии.
Работата на претпријатијата дополнително страда за време на т.н. „продолжени викенди“, кога граѓаните масовно патуваат во странство, што предизвикува директен одлив на домашната потрошувачка и капитал надвор од границите на земјата.











