Демографска слика на ЕУ: 58,3% од европското население е на работоспособна возраст

На 1 јануари 2025 година, 58,3 проценти од населението на Европската Унија било на работоспособна возраст (лица на возраст од 20 до 64 години).

Во 39 региони на ЕУ, класифицирани според ниво 3 од Номенклатурата на територијални единици за статистика (NUTS), процентот на населението на работоспособна возраст бил најмалку 63 проценти. Овие региони главно се наоѓале во Германија (22 региони), но вклучувале и островски региони во Шпанија, како и неколку региони на главни градови и нивната околина, објави Европската статистичка служба – Евростат.

На горниот крај од овој опсег, повеќе од две третини од населението било на работоспособна возраст во данскиот главен град  Копенхаген (68,9 проценти) и во трите островски региони на Шпанија: Еивиса и Форментера (68,9), Фуертевентура (68,3) и Ланзароте (67,3 проценти).

Спротивно на тоа, во 189 региони на NUTS ниво 3 во ЕУ, населението на работоспособна возраст било помалку од 55 проценти од вкупното население. Овие региони беа претежно рурални и вклучуваа внатрешноста на Португалија, големи делови од рурална Франција, голем дел од источна Германија, како и рурални области во Бугарија, Грција и нордиските земји на ЕУ.

Во шест региони, населението на работоспособна возраст било помалку од половина од вкупното население: Борнхолм во Данска, Крез и Лот во југозападна Франција, Етеле-Саво во југоисточна Финска, округот Верн во Белгија и францускиот најоддалечен регион Мајот.