Една година побрзи, поедноставни и поефикасни плаќања во евра: СЕПА ги намали трошоците за македонските компании

 Една година по приклучувањето на Република Македонија кон Единствената област за плаќања во евра – СЕПА, граѓаните и компаниите ги користат придобивките од побрзи, поедноставни и поефикасни плаќања во евра.
Приклучувањето кон СЕПА претставува значајна реформа во платежниот систем, со која законската и институционалната рамка на земјата се усогласи со европските стандарди. Со практичната имплементација од страна на Народната банка и банките, оваа реформа денес носи конкретни придобивки за граѓаните и бизнисот.
„Пред една година направивме важен чекор кон европските стандарди во плаќањата.
Денес, граѓаните и компаниите имаат побрзи, поедноставни и поефикасни плаќања во евра. Министерството за финансии создаде клучна реформа со која Република Македонија се приклучи кон СЕПА со што се овозможи практичната имплементација од страна на Народната банка и банките.
СЕПА е пример дека реформите не се само промени во законите – туку конкретни придобивки за граѓаните и бизнисот”, напиша на ФБ министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Со приклучувањето кон СЕПА, граѓаните и компаниите можат да вршат прекугранични плаќања во евра под исти правила и стандарди како во земјите од Единствената област за плаќања во евра. Тоа придонесува за побрзи, побезбедни и поефикасни трансакции, како и за намалување на трошоците поврзани со прекуграничните плаќања.
Придобивките се особено значајни за компаниите, за кои поефикасните прекугранични плаќања значат полесно работење со европските партнери, подобра ликвидност и намалување на трансакциските трошоци.


Клучен чекор во спроведувањето на реформата беше донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи, подготвен од Министерството за финансии и предложен од Владата, како и усвојувањето на подзаконските акти од страна на Народната банка.
Барањето за пристапување кон СЕПА беше поднесено на 10 јули 2024 година, додека на 6 март 2025 година беше прифатена апликацијата од страна на Европскиот совет за плаќања за приклучување кон СЕПА. Со тоа се овозможи и приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќања во евра.
Станува збор за платежен простор кој опфаќа 41 европска земја.

Една година СЕПА е пример дека реформите кои се спроведуваат носат конкретни резултати и директни придобивки за граѓаните и компаниите. Министерството за финансии продолжува со реформите насочени кон усогласување со европските стандарди и создавање подобри услови за граѓаните и бизнисот.