
На едно четиричлено домаќинство во август му биле неопходни 58.475 денари за покривање на основните животни потреби, покажуваат податоците од новата потрошувачка кошничка што ја изработи Министерството за економија и труд.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска на прес-конференција ја претстави потрошувачката кошничка пресметана од Министерството, која рече се базира на податоци од релевантни институции.
При пресметката се користат податоци од Државниот завод за статистика, цените на производите во осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цените на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири, рече Дурмиши.
Дурмиши вели дека станува збор за различна методологија во однос на синдикалната потрошувачка кошничка која за истиот месец пресмета минимални трошоци од 68.675 денари и дека методологијата на Министерството ја следи реално остварената просечна потрошувачка на домаќинствата.
Министерот за економија и труд, појасни дека не станува збор за ривалство со синдикатите, туку за суштински различна методолошка постапка која ги следи остварените просечни расходи на домаќинствата. Во државната пресметка се вклучени и податоците од Пописот, според кои 95% од граѓаните живеат во сопствен станбен простор (што ги менува ставките за кирија и домување).
Новата методологија ќе биде разгледана на новата седница на Економско-социјалниот совет закажана за 19. овој месец.
Инаку, oд од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) измерија дека вредноста на синдикалната минимална кошница за август 2026 година достигна 68.675 денари, што е за 177 денари повеќе во споредба со претходниот месец.











