
Бразилскиот Сенат одобри уставен амандман со кој се намалува работната недела од 44 на 40 часа. Реформата би можела да опфати повеќе од 37 милиони вработени
Бразил направи голем чекор кон пократка работна недела. Сенатот на оваа јужноамериканска земја одобри уставен амандман со кој се намалува стандардното работно време од 44 на 40 часа неделно, со преминување од шестдневен на петдневен работен распоред. Според проценките на бразилската влада, промената би можела да опфати повеќе од 37 милиони вработени во формалниот сектор, а новите правила треба да бидат воведени во текот на 14 месеци, пишува Ројтерс.
Оваа одлука претставува една од најзначајните промени во бразилското трудово законодавство во последните децении. Реформата доби поддршка од сенатори од различни политички убедувања, вклучувајќи го и Флавио Болсонаро, десничарски сенатор кој претходно се спротивстави на предлогот. Гласањето се одржа во пресрет на вториот круг од претседателските избори, што на одлуката и даде дополнителна политичка тежина.
Шестдневната работна недела станува минато
Во Бразил, во одредени сектори, вклучително и трговијата, вообичаена практика беше вработените да работат шест дена во неделата. Со усвоениот амандман се предвидува намалување на стандардното неделно работно време од 44 на 40 часа, со што се отвора пат кон петдневна работна недела.
Сенатот го поддржа предлогот откако претходно доби зелено светло од Долниот дом на парламентот во мај. За да се усвои уставниот амандман беа потребни два гласа, а предлогот доби поддршка и во двата.
Бразилската влада проценува дека повеќе од 37 милиони формално вработени работници би можеле да имаат корист од реформата. Промената не треба да стапи на сила одеднаш, туку новите правила би биле воведени во период од 14 месеци.











