
Глобалната енергетска криза нема да заврши во блиска иднина, а нејзините економски последици ќе се чувствуваат и во текот на 2027 година, предупреди извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ), Фатих Бирол. Според него, светот сè уште е принуден да ги зацелува раните од превирањата на пазарот, додека владите и корпоративниот сектор интензивно бараат алтернативни извори на енергија за да ја гарантираат сигурноста во снабдувањето.
За време на своето обраќање на Инвестицискиот самит кон COP31 во Истанбул, Бирол посочи дека тековните геополитички тензии и енергетските политики на земјите не оставаат простор за оптимистички сценарија околу брза нормализација на состојбите.
„Не сум оптимист кога станува збор за стабилизација во 2027 година. Дури и кога ги набљудувам процесите од најпозитивен агол, не гледам ниту еден аргумент што би ме уверил во спротивното“, истакна првиот човек на МАЕ, дополнувајќи дека притисокот врз пазарите ќе продолжи во различни форми, под услов да не се појават нови геополитички шокови.
По посебен фокус беше ставена кризата во регионот на Ормутскиот теснец, која веќе директно се прелива врз целата глобална економија, а посебно врз земјоделството и енергетскиот сектор. Овој притисок ги принудува владите, бизнисите и инвеститорите фундаментално да ги преиспитаат своите краткорочни и долгорочни стратегии.
Правејќи историска паралела со големите нафтени шокови од 1973 и 1979 година — кои своевремено го забрзаа развојот на нуклеарната енергија и енергетската ефикасност во автоиндустријата — Бирол порача дека и сегашната криза мора да послужи како катализатор за структурна трансформација на глобалниот енергетски систем.










