
Европската комисија обезбеди 20,5 милиони евра за поддршка на новинарството и медиумскиот плурализам и медиумската писменост низ цела Европа.
Брисел објави три повици за предлози во рамките на програмата „Креативна Европа“ за поддршка на професионалното новинарство и медиумскиот плурализам, зајакнување на отпорноста на медиумите и промовирање на медиумската писменост.
Првиот повик за предлози во вкупен износ од 14 милиони евра ќе финансира партнерства во новинарството, промоција на медиумската соработка и работата на локалните медиуми и медиумите од јавен интерес.
Повикот се состои од две теми. Првата, наречена Плурализам, е наменета за организации кои можат да воспостават програми за финансиска поддршка и да дистрибуираат средства до информативните медиуми во области кои се особено важни за демократијата, како што се локалните медиуми и медиумите од јавен интерес.
Втората тема е Соработка, а нејзината цел е да поддржи предлози за прекугранична соработка на новинските медиумски организации насочени кон иновативни бизнис модели и новинарски проекти низ цела Европа.
Во рамките на дополнителниот повик, 3,5 милиони евра се наменети за прекугранични проекти за медиумска писменост кои имаат за цел да ја подобрат медиумската писменост на граѓаните, да им обезбедат на граѓаните безбедна и сигурна навигација во информацискиот простор и да придонесат за отпорноста на општеството кон дезинформации и странско мешање и манипулација со информации.
Исто така, посебен повик за предлози во вредност од 3 милиони евра ќе поттикне воспоставување на независен паневропски механизам за брз одговор кој ќе служи за следење на кршењата на слободата на печатот и медиумите во ЕУ и во земјите-кандидатки.
Мониторингот треба да придонесе за собирање податоци и увиди со подобар квалитет за заканите за медиумскиот плурализам и безбедноста на новинарите и да служи како основа за годишниот извештај за владеењето на правото.
Европскиот штит за заштита на демократијата обезбедува подобрена финансиска поддршка за независното и локалното новинарство во рамките на Програмата за отпорност на медиумите, поврзувајќи ја постојната медиумска поддршка со програмите за финансирање предложени во новата повеќегодишна финансиска рамка. Комисијата предложи зголемување на износот на средства за секторот за информативни медиуми во рамките на програмата AgoraEU.
Сите три повици беа отворени на 22 октомври.
На крајот од минатата година, Комисијата го презентираше Европскиот штит за заштита на демократијата со конкретни мерки за зајакнување, заштита и промовирање на силни и отпорни демократии низ цела ЕУ.
Европскиот штит за заштита на демократијата и Стратегијата на ЕУ за граѓанско општество вклучуваат мерки за заштита на најважните столбови на демократските системи, вклучувајќи ја слободата на луѓето, слободните и фер избори, слободните и независни медиуми, динамичното граѓанско општество и силните демократски институции.











