
Европа мора да се подготви за екстремни временски услови и сценарио на глобално затоплување од три степени Целзиусови до 2100 година, изјави европскиот комесар за климатски дејствија Вопке Хекстра.
Тој, исто така, најави нови правила на ЕУ кои ќе бараат од земјите-членки јасно да дефинираат кој е одговорен за заштита на граѓаните од климатски катастрофи.
Како што објави „Еуроњуз“, Европската комисија ќе презентира предлог со кој ќе се прецизира дали националните, регионалните или локалните власти се одговорни за подготовка за климатски катастрофи.
Земјите-членки ќе можат сами да доделуваат надлежности, но ќе мора јасно да ги дефинираат.
Хекстра предупреди дека светот се движи кон привремено и можеби подолгорочно надминување на границата на затоплување од 1,5 степени Целзиусови, утврдена со Парискиот договор, поради што е потребно да се подготвиме за поекстремни топлински и климатски катастрофи, дури и со успешно намалување на емисиите.
Според проекциите на Европската комисија, глобалното затоплување би можело да достигне два степени до 2050 година и три степени до 2100 година, при што Европа ќе се затоплува приближно двојно побрзо од глобалниот просек.
Хекстра процени дека економската штета од екстремните временски услови ова лето надминала 100 милијарди евра.
Сепак, стратегијата не предвидува нови средства за помош на домаќинствата да се прилагодат на климатските промени.
Хекстра посочи на предлогот за насочување на 35 проценти од буџетот на ЕУ кон климата и природата, како и на 30-те милијарди евра што ги објави Европската инвестициска банка за инвестиции во климатска адаптација до 2030 година.
Финансирањето, сепак, ќе зависи и од преговорите за следниот повеќегодишен буџет на ЕУ, во кој средствата за климатски мерки се натпреваруваат со приоритети како што се одбраната, безбедноста, конкурентноста и земјоделството.
Комисијата, исто така, планира да соработува со осигурителниот сектор, со оглед на тоа што, според нејзиниот висок функционер, само околу 25 проценти од имотот изложен на климатски ризици е осигуран.
Хекстра оцени дека превентивните инвестиции се економски оправдани, но не објави нова програма за поддршка на домаќинствата, ниту објасни како ќе се обезбеди граѓаните со пониски приходи да можат да ги финансираат потребните прилагодувања.











