
Глобалните пазари се соочуваат со значителен пад на залихите на дизел гориво, кои паднаа на најниско ниво во последните 35 години поради конфликтот на Блискиот Исток, изјави извршниот директор на Националната нафтена компанија Абу Даби (ADNOK), Султан бин Ахмед Ал Џабер.
„Од блокадата на Ормутскиот теснец, залихите на дизел гориво на некои пазари се на најниско ниво за ова време од годината во последните 35 години“, рече Aл Џабер на Меѓународната конференција ADIPEC 2026.
Извршниот директор на АДНОК, исто така, истакна дека и другите пазари се соочуваат со недостиг на резерви на природен течен гас.
Според Aл-Џабер, речиси милијарда барели нафта се повлечени од светските резерви по прекинот на пловидбата низ Ормутскиот теснец, додека логистичките трошоци се зголемија на 30 проценти од вредноста на барелот, во споредба со пет проценти пред почетокот на конфликтот со Иран.
Глобалната енергетска индустрија мора да се фокусира на надминување на недостигот и обезбедување стабилност на снабдувањето во услови на криза предизвикана од конфликтот околу Иран, рече Aл Џабер.
„Новата реалност (по блокадата на Ормутскиот теснец) бара од нас да се фокусираме на достапноста на снабдувањето. Потребно е проширување на стратешките капацитети за складирање, зголемување на залихите на готови производи и изградба на флексибилни капацитети за преработка поблиску до пазарите каде што се продаваат производите“, истакна тој.
Генералниот директор на АДНОК ги наведе како приоритетни задачи забрзаниот развој на логистичката инфраструктура, воведувањето на интелигентни системи за предвидување на ризици, зајакнувањето на довербата на инвеститорите, како и развојот на човечкиот капитал, што го оцени како најважен фактор за обезбедување континуирано снабдување.
Дополнително, тој рече дека Обединетите Арапски Емирати секогаш ќе се залагаат за дипломатско решение на овој проблем.











