
Во рамките на натамошните активности, Народната банка испратила известување до надлежниот регулатор во Србија, со барање во рок од три дена да се произнесе дали АЛТА банка а.д. Белград ќе ги понуди на продажба акциите во АЛТА банка АД Битола.
„Без разлика дали ќе добиеме одговор од регулаторот, по истекот на десет дена Народната банка ќе ги понуди акциите на АЛТА банка АД Битола на Македонската берза. Постои интерес од неколку потенцијални инвеститори, од земјата и од странство, за преземање на акциите на Банката. Постапката за евентуална продажба ќе се спроведе во согласност со законската регулатива и надлежностите на Народната банка. Целта е да се обезбеди избор на соодветен инвеститор којшто ќе ги исполнува законските и супервизорските критериуми за стекнување квалификувано учество и ќе придонесе за долгорочна стабилност и непречено работење на Банката”, истакна гувернерот.
Славески нагласи дека роковите за преземање на следните чекори се кратки, бидејќи брзината на постапување е особено важна за изнаоѓање соодветно решение за Банката.
Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата и да ги презема сите активности во рамките на своите законски надлежности, со цел заштита на интересите на клиентите и одржување на стабилноста на банкарскиот систем.











