
Европа ја започна сезоната на повлекување гас од подземните складишта со голема брзина, што создава ризици за сигурното снабдување на потрошувачите со гас во текот на зимата, објави рускиот енергетски гигант „Газпром“.
„Гас веќе се повлекува од европските складишта со голема брзина. На 28-29 октомври и 1-2 ноември, количините на повлечен гас достигнаа рекордни вредности за тие датуми, откако се води евиденција“, се вели во соопштението од „Газпром“, пренесува РИА Новости.
Како што е наведено, големата брзина на повлекување гас од подземните складишта на почетокот на сезоната создава услови што би можеле да го намалат нивниот максимален дневен капацитет за испорака во текот на есенскиот и зимскиот период, особено во време на зимска побарувачка, што ги зголемува ризиците за сигурното снабдување на потрошувачите со гас.
Според податоците на организацијата „Gas Infrastructure Europe“, зафатеноста на европските подземни складишта за гас на почетокот на сезоната на повлекување, односно на 28 октомври, била на историски најниско ниво од 74,9 проценти.











