
Компанијата „Роснефт“ воведува ограничувања на своите бензински пумпи во сите региони на Русија, објави Министерството за економски развој на Забајкалскиот регион.
Според министерството, на градските бензински пумпи може да се купи до 30 литри гориво, а на објектите лоцирани на автопатот до 50 литри, објави порталот Медуза.
Ограничувања за испорака на бензин и дизел гориво беа воведени и на пумпите на Роснефт во Краснојарск.
„Роснефт“ воведе и ограничувања за продажба на бензин во Карелија, објави шефот на тој регион, Артур Парфенчиков.
„Забрането е точење гориво во канистри“, рече гувернерот.
Неколку рафинерии за нафта на „Роснефт“ беа цел на украински напади со беспилотни летала во последните месеци.
Кон крајот на октомври беше нападната рафинеријата Новокујбишевск во регионот Самара, а на 31 октомври и „Башнефт-Новоил“ во Уфа, додека на 5 ноември цел беше рафинерија во регионот Рјазан.
Според „Блумберг“, раководството на „Роснефт“ смета дека уште неколку месеци војна со Украина би можеле да предизвикаат долгорочна штета на работењето на компанијата.












