
НЛБ Банка ги предупредува граѓаните и своите клиенти да бидат особено претпазливи поради појавата на лажни СМС пораки во кои се злоупотребуваат името и брендот на банката. Преку овие пораки, измамниците се обидуваат да ги наведат примателите да отворат сомнителен линк и да ги внесат или потврдат своите лични податоци.
Од банката апелираат до корисниците да не кликаат на непознати линкови и да не споделуваат лични или податоци од нивните платежни картички.
„НЛБ никогаш нема да побара од вас лозинка, ПИН или други доверливи податоци преку СМС линк“, нагласуваат од банката во своето известување.
Оттаму препорачуваат пред да се преземе каква било акција или да се споделат податоци, секогаш внимателно да се провери содржината на пораката и нејзиниот извор, со цел граѓаните навремено да ги заштитат своите лични податоци и финансиски средства.












