
Можностите за инвестирање и воспоставување долгорочна соработка во енергетскиот сектор беа во фокусот на средбите со претставниците на јапонската деловна делегација, составена од 20 компании и институции, кои се одржаа во Владата на Република Македонија.
Средбите се реализираа во рамки на посетата на јапонската делегација, организирана од Јапонската организација за надворешна трговија (JETRO), во соработка со Амбасадата на Јапонија во земјата, под покровителство на јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара.
На средбите присуствуваа претставници на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, АД МЕПСО и АД ЕСМ, кои ги презентираа потенцијалите на домашниот енергетски сектор, актуелните и планираните проекти, како и развојните приоритети во областа на енергетиката. Јапонските компании имаа можност непосредно да се запознаат со можностите за инвестирање и да разменат информации за потенцијалните области на идна соработка.
Особен интерес за енергетскиот сектор имаа меѓународни компании со искуство во развојот и модернизацијата на електроенергетската инфраструктура, индустриските технологии и финансирањето инвестиции, меѓу кои Hitachi Energy, Hitachi Europe, Marubeni Corporation, Sumitomo Heavy Industries, MUFG Bank и Nippon Export and Investment Insurance (NEXI).
Посетата на јапонската делегација претставува можност за поврзување на домашните институции и енергетските компании со меѓународни технолошки, инвестициски и финансиски партнери, со цел отворање перспективи за нови инвестиции, модернизација на енергетската инфраструктура и забрзување на енергетската трансформација на државата.











