Без договор за укинување на фосилните горива: Објавен нацрт-документот од самитот COP31 во Анталија

Нацрт-договорот од последните преговори за климата на Обединетите нации (COP31) беше објавен во недела наутро и не повикува експлицитно на напуштање на употребата на јаглен, нафта и гас што ја загадуваат животната средина. Преговорите во Анталија продолжија речиси 40 часа по официјалниот рок за нивно склучување.

Документот го подготви турскиот министер за животна средина Мурат Курум, копретседател на двонеделната конференција COP31. Неколку држави поднесоа сериозни забелешки на нацрт-документот, кој бара речиси едногласен консензус за негово усвојување.

Предлогот вклучува специфична цел за поддршка на технологијата што го заробува загадувањето со јаглерод и го складира – жестоко дебатирана тема поддржана од нафтената индустрија. Фосилните горива не се споменуваат во конечните одлуки на конференциите на COP повеќе од 25 години, според експертите.

Планот вклучува поддршка за зафаќање и складирање на јаглерод со специфична цел за повторна употреба и складирање на повеќе од една милијарда метрички тони. Целта на предлогот е да им се помогне на индустриските загадувачи, кои не можат лесно да се префрлат на обновливи извори на енергија, да најдат начин за екстракција на јаглерод диоксид од нивните емисии, а потоа и начин за трајно отстранување на истиот. Зафаќањето и складирањето на јаглерод би можеле да послужат како изговор за продолжување на инвестирањето во фосилни горива, предупредуваат климатските експерти.

Клучната цел на Турција за електрификација е вклучена во нацрт-договорот. Од земјите се бара да го зголемат уделот на електрична енергија во вкупната потрошувачка на финална енергија од сегашните 21 на 35 проценти до 2035 година.

Ова би значело дека државите се обврзуваат да спроведат одредени мерки, како што се префрлање на транспортот, вклучувајќи автомобили, камиони и авиони, од фосилни горива на електрична енергија, како и користење електрична енергија наместо јаглен во индустриското производство.

Климатските активисти бараат во договорот да се наведе дека електричната енергија мора да доаѓа исклучиво од обновливи извори, како што се ветерот и сонцето.

Следниот самит е закажан за ноември 2027 година во Адис Абеба, главниот град на Етиопија.