Lego со инвестиција од милијарда евра во Европа: Огромна фабрика и 1.000 нови вработувања

Данскиот производител на играчки „Лего“ во понеделник објави дека ќе инвестира приближно 1 милијарда евра во текот на неколку години во нова фабрика во Португалија за да ја задоволи растечката побарувачка за шарените пластични коцки низ Европа и да ги прошири операциите на Блискиот Исток и Африка.

Данската компанија забележа двоцифрен раст во последните две години, забележува „Ројтерс“. Во првите шест месеци од оваа година, нејзините приходи скокнаа за 21 процент, што одразува силен интерес за 330 нови сетови, вклучувајќи реплика на трофејот од Светското првенство, сетови „Покемон“ со нови интерактивни коцки и сет од Формула 1.

Европа на прво место

Во последните години, „Лего“ ги престигна американските конкуренти „Мател“ и „Хасбро“, благодарение на инвестициите во производи поврзани со франшизи во светот на филмот и игрите, отворањето физички продавници и привлекувањето купувачи заинтересирани за растечкиот пазар на колекционери на играчки за возрасни.

Новиот објект во португалската Естареха првенствено ќе ја покрие сè поголемата побарувачка во земјите каде што „Лего“ е веќе исклучително популарен, изјави извршниот директор за операции, Карстен Расмусен, а дел од производството ќе биде пласирано и во Африка, Југоисточна Европа и Блискиот Исток, каде што компанијата штотуку ги проширува своите операции.

„Сè уште мора да бидеме искрени и да признаеме дека наш прв приоритет е Европа“, рече Расмусен во интервју за Ројтерс.

Португалската фабрика ќе биде четвртиот производствен погон на Лего во Европа и осмиот во светот, и ќе вработува над илјада работници. Изградбата ќе започне во првата половина од следната година, а планираниот почеток на производството е во 2030 година.

Фабрики поблиску до клиентите

Новата фабрика е дел од пошироките напори на данската компанија да го приближи производството до клиентите. Минатата година, Лего отвори фабрика во Виетнам, додека фабрика во американската држава Вирџинија треба да започне со работа во 2027 година.

Покрај тоа, данскиот гигант го прошири производството во постојните фабрики во Мексико, Унгарија и Кина од 2020 година, забележува Ројтерс.

Во новата фабрика во Португалија, која ќе се простира на 115.000 квадратни метри, коцките ќе бидат обликувани, преработени и пакувани, објави Лего.

Португалија беше избрана поради нејзината растечка економија и квалификувана работна сила, изјави Расмусен за Ројтерс.

„Економијата на Португалија расте, нејзиното производство во Европа станува сè поголемо, а тоа исто така ќе ни обезбеди пристап до фантастична квалификувана работна сила“, рече директорот на данската компанија.

Португалскиот објект претежно ќе произведува исти производи како и другите фабрики со цел да се одржи едноставноста на мрежата и краткото време на испорака.

„Не сакаме премногу фабрики бидејќи не сакаме премногу сложена мрежа во која фабриките мора да испорачуваат поединечни делови едни на други“, рече Расмусен.

Португалската фабрика ќе биде малку помала од фабриката во Вирџинија, но ќе произведува повеќе по квадратен метар поради подобро дизајнираната структура, тврди раководителот на данската компанија. Лего замисли највисоко ниво на автоматизација и модерни технологии за Естареха, што ќе овозможи поголема флексибилност во пласирањето на повеќе нови сетови на пазарот.