Брисел подготвува технолошки фонд вреден до 50 милијарди евра

Европската Унија подготвува основање на нов инвестициски фонд кој би мобилизирал до 50 милијарди евра за инвестиции во стратешки технологии и би ја намалил зависноста на Европа од САД и Кина.

Како што пишува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на двајца функционери вклучени во преговорите, поголемиот дел од инвестициите би биле насочени кон компании кои развиваат вештачка интелигенција и квантни компјутери.

Новиот фонд, со работно име Sovereign Tech Equity Fund (STEF), би овозможил поголеми, долгорочни и поризични инвестиции од оние финансирани преку постојните европски програми.

Според достапните информации од Financial Times, јавните пари би се користеле за привлекување значително поголема количина приватен капитал, потенцијално шест евра за секое евро јавни средства. Одлуките за инвестирање би ги донесувал независен менаџер на фондови, што би го ограничило политичкото влијание врз изборот на компании.

Финансиската структура сè уште е предмет на преговори, а подетален предлог се очекува во февруари следната година.

Уште во јуни оваа година, во документ за технолошкиот суверенитет, Европската комисија предупреди за недостатокот на капитал за финансирање на развојот на напредни технологии и стратешка инфраструктура. Таа предложи да се разгледа нов модел на сопственички инвестиции што би вклучувал производство на полупроводници, роботика, биотехнологија и технологии во областа на чистата енергија.

Новиот механизам би ги надополнил постојните финансиски инструменти на ЕУ и би овозможил поголеми индивидуални инвестиции во стратешки проекти.

Во исто време, Европската Унија се стреми да го зголеми учеството на институционалните инвеститори во финансирањето на брзорастечките технолошки компании. Европската инвестициска банка (ЕИБ) објави на 9 ноември дека, во соработка со 14 институционални инвеститори и седум земји-членки, планира да насочи повеќе од десет милијарди евра во капитално финансирање на вакви компании.

Иницијативата е продолжение на програмата „Иницијатива за европски технолошки шампиони“, започната во 2023 година за подобрување на пристапот до капитал за европските технолошки компании.

Првите инвестициски одлуки во новата фаза од програмата се очекуваат во наредните недели.