
Во текот на декември оваа година, аеродромот во Подгорица ќе продолжи да расте со рекордно темпо во споредба со истиот месец минатата година, благодарение на новата база на „Виз Ер“ со 184.452 достапни седишта на редовни летови – што претставува раст од 47,7 проценти. „Виз Ер“ ќе биде најголемиот превозник со 85.562 седишта, со раст од 326 проценти и учество од 46,4 проценти во вкупниот капацитет на аеродромот.
Сите освен два аеродроми во главните градови на поранешна Југославија, пишува „EX YU Aviation“, ќе забележат раст на капацитетот на годишно ниво во декември, додека „Виз Ер“ ќе ја задржи својата позиција како најголем авиопревозник во регионот според бројот на понудени седишта.
Приштина ќе има повеќе достапни седишта од Загреб, кој обично има поголем капацитет, додека Љубљана речиси ќе се изедначи со Сараево.
Белградскиот аеродром ќе има најмногу слободни седишта на редовните летови во декември – 868.694, што претставува зголемување од 3,3 проценти во споредба со 2025 година. „Ер Србија“ ќе ја задржи позицијата на најголем превозник со 445.348 седишта, што претставува значителен раст од 12 проценти, односно дополнителни 47.758 седишта. „Виз Ер“, како втора најголема авиокомпанија, ќе го намали бројот на седишта за околу 29.000, односно 14,9 проценти.
Приштина следи на второто место со 512.286 достапни седишта на редовни летови во текот на месецот. Ова претставува значителен раст од 15 проценти во споредба со претходната година, благодарение на отворањето на базата на „Виз Ер“ во ноември. „Џи-Пи-Ејвиејшн“ ќе остане најголемиот превозник на овој аеродром со 136.584 седишта, што е раст од 6,7 проценти. По него следува „Виз Ер“ со 90.342 седишта, што претставува зголемување од 78 проценти.
Загрепскиот аеродром ќе има 451.526 достапни седишта, со раст на капацитетот од 1,2 проценти. „Кроација Ерлајнс“ ќе го намали капацитетот за 2,6 проценти, но ќе остане најголемиот превозник на аеродромот со 188.146 седишта. По него следува „Рајанер“ со 133.944 седишта, со раст од 4,3 проценти.
Од друга страна, аеродромот во Скопје ќе има 329.506 седишта, што претставува намалување од 9,9 проценти во споредба со 2025 година. Падот е последица на прекинот на летовите од страна на компанијата „ЛОТ Полиш Ерлајнс“, повлекувањето на „Луфтханза“, како и намалувањето на бројот на летови од страна на компаниите „Кроација Ерлајнс“, „Пегасус Ерлајнс“ и „Туркиш Ерлајнс“. „Виз Ер“, како најголем превозник на овој аеродром, исто така ќе забележи пад на капацитетот, кој ќе биде за еден процент помалку во текот на месецот и ќе изнесува вкупно 229.440 седишта.
Во декември, Сараево ќе има 143.839 седишта на редовни летови, што претставува пад од 23,6 проценти. Најголемиот дел од намалувањето од 44.535 седишта во текот на месецот ќе биде последица на сезонското суспендирање на летовите од страна на компанијата „Рајанер“. Како резултат на тоа, „Пегасус ерлајнс“ ќе биде најголемиот превозник, по што следува „Туркиш ерлајнс“.
Љубљана ќе биде веднаш зад Сараево, со вкупно 143.200 седишта на редовни летови, што претставува зголемување од 8,8 проценти во споредба со декември 2025 година. „Изиџет“ ќе стане најголем превозник на аеродромот за првпат по неколку години, со 21.694 достапни седишта, со раст од 57,3 проценти. По него следува Луфтханза, чиј капацитет ќе се зголеми за 41,1 процент, и покрај намалувањето на бројот на летови за 15,6 проценти.
Вкупниот капацитет на редовните летови во декември на сите пазари и аеродроми на поранешна Југославија ќе изнесува 2.756.267 седишта, што претставува годишен раст од 2,7 проценти.
*Горенаведените бројки се точни на датумот на објавување. Како што одминува месецот, тие може да се променат поради ревизии на распоредот или прилагодувања на опремата. Сепак, тие даваат сигурна индикација за целокупните трендови на капацитетот на аеродромите.











