Светска банка е оптимист во однос на состојбата со невработеноста во Македонија. Во изминатите години преземени се многу реформи во делот на политиките за вработување и очекуваме да видиме резултати.
Ова е оценката во Извештајот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Назад на работа: Раст со работни места во Европа и Централна Азија, кој беше презентиран во Скопје.
„Работните места се круцијално прашање за развој на Република Македонија. Невработеноста е многу висока, а половина од населението меѓу 15 и 64 е невработено. Македонија презема чекори за да се надмине таквата состојба и невработеноста во последната година падна под 30%. Тоа е пад кој треба да го изградиме заедно“, рече директорот на Светска банка во Скопје, Татјана Проскурјакова.
Таа додаде дека Македонија и Светска банка работат на заедничка стратегија која е насочена кон намалување на невработеноста.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов наведе голем дел од реформите што се преземени за поттикнување на вработувањето посочувајќи дека е создадена бизнис клима и дека се подобрени условите во приватниот сектор за отворање работни места.
Потенцира дека е донесен и оперативниот план со кој се предвидува годинава да бидат вработени 4.000 лица.
„Економскиот развој и креирањето работни места бараат мултисекторски пристап за што Владата во изминатиот период спроведе голем број реформи за подобрување на бизнис климата и конкурентноста и зголемување на инвестициите. Се пристапи во зголемување на ефикасноста на регулативата за работни односи, подобрување на образовниот систем и човековите ресурси согласно потребите на пазарот на труд надополнети со активните политики за вработување. Сето ова во пакет со зајакнување на капацитетите на институциите создадовме ефикасни служби на пазарот на трудот и обезбедивме поголема флексибилност на работни места со што се создадоа подобри услови за отворање нови работни места“, истакна министерот Спасов.
Спасов додаде дека во земјата се подобрија и условите за формализација на работни места преку ниските даноци и даночни олеснувања за малите претпријатија, земјоделците и лицата кои првпат формираат претпријатие, како и преку дополнителни стимулативни активни мерки за креирање работни места и формализирање на претпријатијата.
Сите заложби на Владата, истакна, резултираа со отворање на над 100.000 работни места од 2006 година наваму и намалување на невработеноста од тогашните 38% на историски најниското ниво од 28,7%. Тој посочи дека главни двигатели во политиките за вработување во следниот период се директните странски инвестиции, подобрување на понудата на работната сила и усогласување на понудата и побарувачката на работна сила согласно потребите на пазарот на трудот.
Во Извештајот, како што рече Омар Ариес од Светска банка, е посочено дека реформите што ги презема Македонија во изминатите години би требало да покажат резултати во однос на отворањето нови работни места. Такво искуство, додаде, сме виделе и во други земји, како Полска и Турција.
„Македонија е една од земјите во регионот кои вложија најголеми напори за реформи, за подобрување на институциите и регулативата, што му овозможи на приватниот сектор да создава работни места“, рече Ариес.
Според него, Владата треба да продолжи со политиките и тоа во три области. Првата е да се олесни влегувањето и излегувањето на фирмите на пазарот, односно, како што појасни, да стане евтин чекор и побрзо затворањето и стечајот на фирмите. Втора област во која треба да се преземаат мерки е подобрување на вештините на работниците и трета е мотивирање и почнување со работа и работата да биде исплатлива. Појасни дека ова се однесува на даноците, социјалните придонеси и други додатоци кои се однесуваат на вработените.
Ариес смета дека е значајно тоа што се намалува процентот на вработените во јавната администрација во вкупниот број вработени и посочува дека тој тренд треба да се одржи и натаму.
Во Извештајот на Светска банка се наведува дека во 2012 година во Македонија работеле 44 од 100 лица на работоспособна возраст од 15 до 64 години. Само 35 од 100 жени работеле надвор од дома споредено со 52% од мажите во таа возрасна група. Во 2012 година стапката на невработеност беше 31%, а до крајот на третиот квартал на 2013 година падна на 29%.