Деведесет милиони денари или 1,5 милиони евра се одвоени за годинешната Програма за рибарство и аквакултура. Од нив, 21,6 милиони денари се наменети за рибарство, а 64 милиони за аквакултурата.
Со овие средства ќе се спроведат мерки и активности кои не само што ќе придонесат за развој на економијата во езерските региони или регионите покрај водните текови, туку со нив ќе се придонесе и во подобрувањето на условите во животната средина.
Во делот на рибарството, годинава се планирани 13 милиони денари за порибување на Охридското езеро, што е двојно повеќе од минатата година. Еден милион денари ќе бидат одвоени како поддршка за изградба на специфичните мандри на Дојранското езеро, а останатите финансиски средства ќе бидат наменети за порибување на Преспанското и Дојранското езеро.
Во однос на аквакултурата, предвидено е 19,5 милиони денари да бидат издвоени за изградба и реконструкција на рибниците во државата и за набавка на опрема, а 30 милиони денари за поддршка на порибителен материјал во специјализираните рибници.
За субвенционирањето за произведена и продадена риба, одвоени се 15 милиони денари, поточно по 20 денари од килограм за пастрмка, а по 10 денари за килограм од останатите видови на риба кои се опфатени во програмата за аквакултура.