БиХ увезува млеко од Африка, а месо од Австралија

57

Додека земјоделците од Босна и Херцеговина тонат се подлабоко поради проблемите со кои се соочуваат при производството, храната од животинско потекло во оваа земја се увезува од сите континенти. Месо се увезува од Австралија и Уругвај, а млеко и павлака од африканската држава Сиера Леоне, пишува biznis.ba.

Податоците од Надворешно-трговската комора на БиХ покажуваат дека во првите девет месеци од оваа година, во БиХ се увезени преку 25.000 тони месо и други месни производи, додека фармерите тврдат дека се принудени да стават катанци на вратите на фармите.

Месото, освен од Австралија и Уругвај, се носи и од Холандија, Австрија, Германија, Италија, Турција, Полска, Шпанија, Данска и Белгија, а увезено е месо во вредност од 46,5 милиони евра. За истите девет месеци, од БиХ е извезено месо за само 7,5 милиони евра.

Не е подобра статистиката ниту кога е во прашање надворешно трговската размена на млеко и млечни производи. Во првите три квартали се увезени 55,5 милиони млеко и млечни производи, во вредност од 62 милиони евра.

Земјоделците не се задоволни со ваквата ситуација. Тие од надлежните бараат да им помогнат да ја пребродат кризата во која се наоѓаат, ако ништо друго, тогаш да се конкурентни барем на домашниот пазар.