Воведување нова група помагала и кратење на посетите на годишно ниво кај матичниот лекар и подрачните служби на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), се новите олеснувања во остварувањето на правото на ортопедски и други помагала.
Овие измени во Правилникот за индикации за остварување на правото на ортопедски и други помагала стапија на сила на 1-ви февруари, а со нив се опфатени приближно 8.200 лица.
Првата измена, односно воведување на нова група помагала опфаќа суплементи за дигестивни и метаболни заболувања, и тоа безглутенско брашно за лицата заболени од Ret Syndrome и безпротеинско брашно и млеко за лица заболени со фенилкетонурија, по барање на осигурени лица.
„Станува збор за ранлива група на граѓани кои во својата секојдневна исхрана не можат да вклучат продукти кои ги содржат протеините глутен и фенил аланинот, а при тоа сериозно да не го нарушат сопственото здравје. Со воведување на оваа измена на Правилникот ФЗОМ овозможи на лицата заболени од Ret Syndrome и Фенилкетонурија да го остварат своето право на овие суплементи на товар на Фондот, станува збор за три лица заболени од ret syndrome и 10 лица со фенилкетанурија кои досега приватно ги плаќаа овие суплементи кои се движат од 4000 денари за безглутеинското брашно, до 20.000 денари за безпротеинското брашно и млеко во зависност од количината месечно”, информираше директорката на Фондот, Маја Парнарџиева Змејкова.
ФЗОМ воведе и пропишување потврди за ортопедски помагала за 180 дена, осигурениците со само една посета на матичен лекар, ќе добиваат потврди за шест месеци за следниве помагала: за едноделен и дводелен систем за уростома, илеостома и колостома или вештачки отвори, нелотен катетар, пелени и влошки за инконтиненција.
Со оваа измена на Правилникот, по пример на хроничниот рецепт за лекови се овозможува издавање и заверување на потврди за 180 дневна количина на потребното помагало со само една посета на матичен лекар, додека подигнувањето на помагалото во ортопедските куќи ќе биде на месечно ниво.
„Досега, осигурениците одеа прво на матичен, па до подрачна служба и на крај да го подигнат помагалото од ортопедската куќа, на месечно ниво, а сега се овозможува 20 помалку посети на осигурениците кај избраниот лекар и подрачните служби на годишно ниво. Станува збор за 8.200 лица корисници на овие помагала и со оваа измена се намалуваат 164.000 посети на годишно ниво кај матичниот и ПС на ФЗОМ”, истакна Парнарџиева Змејкова