Работна средба за подобрување на односите меѓу преработувачите и добавувачите на земјоделски производи

40

Во рамки на поддршката која Швајцарската програма за промоција на увозот ја обезбедува на Македонската асоцијација на преработувачи, денеска во Кочани ќе се одржи работен состанок за подобрување на дијалогот и зацврстување на кооперантските односи на преработувачите со добавувачите на суровини – примарните земјоделски производители.
Целта е да се доближи принципот на долгорочно планирање и посилна вертикална интеграција на вредносниот синџир за преработка на зеленчук, како и стабилизирање и сигурно снабдување на суровина за преработувачите.
Дополнително оваа активност има цел да ја подобри веќе воспоставената соработка меѓу фармерите и преработувачите и да придонесе за зголемена конкурентност, но и постабилни приходи за сите учесници во овој вредносен синџир.
Презентирани ќе бидат меѓународни искуства за договорни односи и производство, а ќе зборува и Маргрет Вил, меѓународен експерт со богато искуство во оваа област.
Следните работни состаноци ќе бидат организирани во идниот месец во струмичкиот и гевгелискиот регион.