Упорноста е клучот на успехот на секое поле

423
m1
Мајк Мур, мотивациски говорник

Мајк Мур е Американецот кој држи мотивациски говори низ целиот свет со цел да им помогне на луѓето да почнат да размислуваат во успешен правец. Мур за себе вели дека е среќен што преку својата работа им помага на луѓето да ги пронајдат вистинските вредности и да ги реализираат своите цели. Тој вели дека за еден човек да биде успешен треба да има доверба во својот талент и способности, а не во себе, бидејќи преголемата самодоверба се претвора во ароганција, која на крај ќе го уништи.

БИ: Што може да се научи од Вашите предавања?

Целта е да им се покаже на луѓето дека секогаш треба да имаат план и да работат на неговото реализирање. Накратко ќе ви раскажам една приказна за градоначалникот на Њујорк, за кого по 11 септември се напиша книгата Херој. Имено, на една моја средба со него јас го прашав зошто токму тој е наречен херој. Најпрво не добив одговор, а потоа градоначалникот Џулијани ми објасни дека откако е дојден на функција, редовно во еден хотел се сретнува со сите луѓе кои се челници во градот, започнувајќи од началникот на полицијата, па се до оној на пожарникарите и притоа ми рече, ние кога се состанувавме смислувавме планови за тоа како да реагираме доколку се случи нешто во Њујорк, без разлика дали тоа ќе биде железничка несреќа, поплава, земјотрес или терористички напад. Кога се случи 11 септември ние веќе имавме план како треба да дејствуваме и почнавме со негова реализација. Нападот го дочекавме подготвени. Тоа е она што е потребно, секогаш да имаш план како да делуваш во одредени несекојдневни ситуации.

m2

БИ: Како гледате Вие на животот, што треба да се направи за да се дојде до успех?

Факт е дека секој од нас треба да го планира својот живот. Според моето видување, нашиот живот е поделен на четири сфери, односно на јавен живот, каде најмногу внимание обрнуваме на физичкиот изглед на луѓето што не опкружуваат, потоа на професионален живот каде центарот на случувањата ни е бизнисот и како да заработиме повеќе пари и да го подигнеме нашиот социјален статус. Во личниот живот спаѓа семејството, бидејќи тие се тие луѓе кои најдобро не познаваат и знаат зошто го правиме она што го правиме. На крај е нашиот приватен свет во кој единствено сме ние самите. Тој според мене е и најважниот, бидејќи оттаму произлегуваат сите наши цели, вредности и верувања.

БИ: Што е потребно за да се биде успешен во бизнис светот?

Најпрво е потребно да се верува во сопствените таленти и способности, а не во себе, бидејќи преголемата самодоверба го уништува човекот и го прави арогантен. За мене еден од најуспешните луѓе во светот е Михаел Шумахер, тој е денес она што е благодарение на неговата доверба во своите способности и тоа го прави скромен човек. Во бизнисот, за да бидеме успешни треба да знаеме да слушаме, гледаме и зборуваме. Остварувањето на комуникацијата и поврзувањето со луѓето околу нас ќе ни донесе многу успех.  Она што го чувствуваш го одредува твоето однесување и затоа доаѓаме до заклучок дека не е потребно многу за да ги промениме нашите верувања. Затоа ве советувам никогаш да не дозволите чувствата да ве спречат во вашата успешност и секако не дозволувајте надворешните влијанија да ја имаат пресудната улога во справувањето со предизвиците што ни ги дава животот. Факт е дека одлуките ги носиме на емотивен начин, односно дека најпрво логички ги разгледуваме и размислуваме за нив, но на крајот на денот одлучуваме онака како што се чувствуваме. Затоа е многу важен внатрешниот мир, или како што јас велам мирот во личниот свет.

БИ: Во животот сте имале многу предизвици, сте говореле пред многу слушатели, како што се Њујорк Јенкис, за кои велите дека се ваши идоли и бројни познати личности, а меѓу нив и мултимилјардери. Како се справивте со тој момент, кога прв пат застанавте пред своите идоли, како се справувате денеска?

1Кога прв пат застанав пред моите идоли, наеднаш станав она 8 годишно дете кое со нетрпение го очекуваше секој нивни натпревар. Бев преплашен. Не знав од каде да почнам, а камо ли каде да завршам. Во еден момент си реков, Мајк, мораш да се прибереш, мораш да бидеш ти. Тоа и го направив. Секој од нас се плаши да не рече нешто погрешно, а потоа да биде исмеван и неприфатен од околината. Затоа и на сите мои предавања велам дека не постојат 5 чекори за среќа, 10 чекори за да станеме подобри менаџери и слично. Секогаш мораме да бидеме тоа што сме и да не дозволиме некој или некое надворешно влијаније да ни ја одземе нашата среќа, нашата смисла за живот, нашиот успех. Се што работиме треба да работиме со страст и така ќе успееме.

БИ: Која е Вашата страст?

Менувањето на начинот на кој луѓето размислуваат, вклучително и моето е она што е мојата страст. Во моментов, јас како еден маж пишувам книга за мажи, која е дозволено да ја прочитаат и жени. Мојата страст е и кон виното, забавата.  Затоа често правам забави дома, на тој начин привлекувам нови клиенти, ги канам со нивните партнери, партнерки. На тој начин се поврзам со нив. Значи, мојата страст е поделена во три дела, помагање во промена на размислување на луѓето, вино и добра забава.

БИ: Како се станува подобар продавач?

Ќе ви раскажам една приказна. Пред неколку години имав закажано состанок на кој задоцнив една минута. Се работеше за познат човек од бизнис светот. Тој моето доцнење го процени како на неодговорна личност на која не може да и се верува. По оваа случка, човекот ме прими во својата канцеларија дури по три години, што ни укажува на фактот дека ако сакаме да бидеме добри продавачи, секогаш треба да го цениме времето и на нашите клиенти, а не само нашето.

mike 2

БИ: Каков е Мајк како продавач?

Она што јас секогаш го правам кога треба да склучам некоја бизнис зделка е му давам комплимент на мојот иден партнер. На тој начин се поврувам со него. Факт е дека има некои луѓе кои не се комуникативни и со кои не можете лесно да воспоставите врска, но по давањето на комплимент, доколку не ви одговори онака пријателски за да започнете разговор, прашајте го која е неговата страст. Тоа секогаш ќе успее.

БИ: Што е клучот на успехот, според Вас?

Упорноста е клучот на успехот. А за тоа секогаш ја раскажувам животната приказна на Елвис Присли. Тој има паднато по музичко во средно училиште, каде му рекле дека никогаш нема да може да се занимава со музика, бидејќи не знае да пее и дека врвот во животот што може да го достигне е да биде возач на камион. Истото му се случило и на една аудиција со еден од најпознатите луѓе во музичката индустрија. Многу луѓе по вакви изјави се откажуваат, но тој продолжил да работи на себе и да дозволи вербата во својот талент да го направи она што стана подоцна. Тоа ни кажува дека клучот на успехот е секогаш во упорноста. Во животот има и искачувања и падови и затоа не треба да се дозоли некој да ви ги украде и уништи соновите.

БИ: Кое е Вашето мото?

Моето мото е дека со моите предавања треба да предизвикам промени кај луѓето, односно во начинот на нивното размислување и тие промени да ги однесат кон целта која длабоко во себе ја посакуваат.

 

Мајк Мур вчера одржа предавање во просториите на CEED Македонија, а настанот беше овозможен и поддржан од AmCham