Студентите по информатика и од други технички факултети имаат можност да се запознаат со понудите за вработување или за пракса во компании од техничките сектори, кои се претставуваат на 10. Саем за вработување и кариера (Job Fair 2014). Саемот утре и задутре ќе се одржува на ФИНКИ, ФЕИТ, Машинскиот и Технолошко-металуршкиот факултет, а во четврток и петок на Градежниот факултет, каде што свои презентации ќе имаат соодветни компании.
Организатори се студентската организација Бест Скопје и Студентскиот парламент на ФИНКИ. Тие се задоволни од одзивот на 18 компании на саемот, на кој годинава првпат учествуваат и странски. Ги охрабрија студентите да ги достават своите биографии на www.jobfair.org.mk кои организаторите ќе им ги достават на фирмите.
Саемот во изминатите години им помогнал на голем број студенти од овие факултети да најдат работа соодветна на нивното образование.
“Компаниите на саемот нудат различни можности, некои нудат вработување, некои пракса, зависно од нивните потреби. Во минатите 9 години има прилично многу вработувања, како и пракси кои сега се задолжителни во високото образование”, изјави Весна Марковска од Бест Скопје.
Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Димитар Трајанов е задоволен што организирањето на саемот и поканата до фирмите е на иницијатива и со труд вложен од самите студенти.
“Тоа покажува дека тие и сега, додека се на студии, можат да сработат реални проекти. Со тоа ќе добијат искуство што значи да се организира голем настан, а директно контактирајќи со компаниите ќе го добијат чувството што значи да се контактира компанија, кои се нејзините барања, како се прават интервјуа итн. Ова е од самите студенти за самите нив”, рече Трајанов.