Greenpeace: Отровни хемикалии во облеката на Zara, Levi’s, Calvin Klein…

98

Еколошката организација Greenpeace пронајде опасни хемикалии во облеката на познати модни марки како што се Zara, Levi’s и Calvin Klein. Тестовите покажале дека производите на Zara содржат хемикалии и бои кои предизвикуваат хормонално пореметување и испуштаат канцерогени материи.

“Само Zara годишно произведува 850 милиони парчиња облека. Можете да замислите колкава отровна трага оставила на оваа планета, особено во земјите во развој, како Кина”, вели Ли Јифанг од Greenpeace за источна Азија.

Greenpeace во април годинава тестирале облека на 20 модни брендови што се продаваат во 29 земји. Во две третини од 141 примероци, колку што се тестирани, се пронајдени нонилфенол – етоксилати (НПЕ) кои поради својата штетност се забранети во Европската унија, но нивното производство и употреба во Кина и другите земји од тој регион не е регулирано.

“НПЕ често се користат како детергенти во производниот процес на текстилот и може да се одмие со вода која потоа се испушта во канализацијата, но може да се разложи во нонилфеноли во водата. Нонилфенолите се познати по тоа што се упорни и био – акумулативни токсични материи, кои влијаат врз работата на хормоните во телото. Тие се акумулираат и во ткивата на рибите и другите организми”, вели Роуз Лаи, директор на кампањата против загадување на Greenpeace во Тајван.

Поради ова откритие, активистите на Greenpeace вчера во Пекинг организираа “токсична” модна ревија, а во Будимпешта протестираа пред продавницата на Zara. Преку кампањи, оваа организација се обидува да ги натера модните брендови да се обврзат на “нула испуштање на сите опасни хемикалии” до 2020 година и бара од снабдувачите да ги објават сите отровни хемикалии што ги испуштаат во животната средина.

“Како глобални играчи, модните брендови имаат можност да работат на глобално решение за елиминирање на употребата на опасни материи во нивните производни линии и да воведат промени во навиките на нивните снабдувачи”, стои во соопштението.