Дубровник воведува нови туристички “правила на игра”

91

stradunУгостителите, туристичките информатори, водичите, уличните забавувачи на Страдун оваа сезона ги очекуваат големи промени, според новиот Правилник за користење на јавните површини во старото градско јадро во Дубровник, пишува Слободна Далмација.

Според правилникот, нема веќе влечење на туристите за ракав, а ќе се тргаат и вишокот столчиња пред угостителските објекти. Јавната површина пред секој објект ќе биде одбележана со сиви налепници, па секој граѓанин ќе биде и комунален редар, ќе може да ја фотографира површината на која се прекршува правилникот и да ја прати до надлежните институции. На основа на фотографијата, угостителот ќе биде казнет прво со 650 евра, а потоа со 1.300 евра. Ако го повтори прекршокот, масите ќе му бидат тргнати од јавната површина на еден месец.

Според официлајните информации, на градските улици во сезона се наоѓаат 1.139 маси и 4.019 столици и клупи. Но, кога на нив ќе им се додадат и оние за кои угостителите немаат дозвола, бројот значително расте.

Луѓето што привлекуваат гости во угостителските објекти , познати како “уфрлувачи”, сега ќе станат гастрономски информатори, ќе носат бордо мајци, на кои покрај грбот на Дубровник, ќе стои и името на ресторанот за кој работат. Ќе можат да стојат само на унифицирани дрвени пултови во бордо боја, кои ќе се наоѓаат на дното на секоја улица, од левата и десната страна на Страдун.