Недостигот на млад квалификуван кадар и сивата економија најголеми проблеми на занаетчиите

31

Сивата економија и недостигот на млад квалификуван кадар се уште се најголемите проблеми на македонските занаетчии. Голем број работат на црно, но секторот, сепак, гледа перспектива зашто, според неговите претставници, има огромна поддршка од Владата. Како што беше речено пред денешното годишно Собрание на Балканската канцеларија за мало стопанство и занаетчиство, интересот е генерално насочен кон занаетите кои носат профит. Ракотворбите, техничките занаети, услугите и градежништвото се најатрактивни. Младите повеќе се определуваат за модерните и техничките занимања отколку за традиционалните занаети. Предничат фризерството и мехатрониката во автоструката што подразбира спој на механика, електроника, информациска техонологија и компјутери.
“Занаетчиството има значајна улога во создавањето и изразувањето на идентитетот на нацијата, претставува поддршка на локалниот одржлив економски развој, како и борба против невработеноста. Иако често се гледа како индустрија од мал обем, опфаќа милијарди долари и евра од светскиот пазар. Секторот е особено значаен за руралните средини на економиите во развој”, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски.
Поедноставување на административните постапки за занаетчиите или т.н. регулаторна гилотина, програмата за самовработување и континуираниот дијалог со Владата се само некои од актуелните мерки за развој на оваа гранка. Оваа година има две мерки за поддршка на занаетчиството, субвенционирање автентични програми и занаетчиско производство, за што се проектирани 1,4 милиони денари.
“Владата ќе продолжи да му дава голема поддршка на занаетчиството иако овој сектор традиционално се става во втор план. Успеавме да придонесеме за зголемување на конкурентноста, унапредување на производниот процес, зачувување на занаетите, пренесување на вештините и искуството врз помладите, за генерално унапредување на дејноста преку проектот Автентични занаети кој овозможи директно субвенционирање. За оваа намена лани и во 2012 година беа обезбедени над еден милион денари”, посочи Пешевски.
Пешевски потсети дека е креирана и мерка за поддршка на фамилијарните земјоделства и неземјоделски дејности, како и финансиска поддршка за правни субјекти за отворање нови работни места во мали и средни претпријатија, занаетчии од мал обем, за кои во 2013-та беа издвоени 1,4 милиони денари. Занаетчиството во многу сегменти е комплементарно со другите дејности, особено со туризмот, кој последниве години зема замав. Двата сектора имаат огромен потенцијал.
Евелина Прванова од Балканската канцеларија за мало стопанство и занаетчиство ја нагалси потребата од поддршка на државата и се осврна на познатиот дуален систем кој одлично функционира во Германија, а значи добивање добра квалификација, работно место и отворање успешен бизнис што, потенцира, го прави занаетчиството привлечно.
“Економскиот успех се темели на силното мало стопанство од кое голем дел отпаѓа на занаетчиите. Еден од проблемите во сите европски земји е недостигот на квалификуван кадар поради што е неопходна обука и едукација на млади луѓе. Секако тука е многу важна праксата”, рече Прванова.
Според неа, традиционланите занаети се многу важни за идентитетот на една земја и за нив треба да се грижат министерствата за култура.
“Со субвенциите и поддршката од Владата може да се гледа перспектива во македонското занаетчиство, во отворањето сопствени, семејни бизниси. Сите заедно треба да работиме на сузбивањето на сивата економија за да не бидат оштетени регистрираните занаетчии”, истакна претседателката на Занаетчиската комора на Македонија Весна Симова.
Во Македонија се регистрирани преку 300 занаетчиски дејности, а бројот на активни занаетчии е околу 7.000. Балканската канцеларија за мало стопанство и занаетчиство е основана во 2001 година. Во неа денес членуваат 24 организации од регионот и Германија.