Се очекува македонските јагниња од државата да завршат на странските пазари. Досега се извезени околу 140.000 јагниња, што е некаде на ниво од минатата година, а цената стартуваше со 140 денари по килограм и се зголемува.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски, вчера ја посети кланицата Серта компани во Кавадарци за да види на самото место како се одвива годинашниот откуп и извозот на јагнешко место.
„Според последните бројки кои ги имаме ние како агенција до овој период, количините извезено јагне се приближно како и минатогодишните, така што, веруваме дека и оваа година целокупното јагне кое е произведено во државата ќе заврши на странските пазари. Досега се извезени околу 140.000 јагниња, што е некаде на нивото од минатата година. Во делот на откупната цена се започна со една малку пониска цена од 140 денари, но како наближува велигденскиот извоз цената на терен малку се зголемува, така што се надеваме дека и сточарите годинава ќе бидат задоволни“, рече Рунтевски.
Иако најголемиот дел од јагнешкото ќе заврши на странските пазари, дел ќе остане и на домашниот пазар.
Досега извозот во ЕУ се одвиваше преку четири кланици, но благодарение на инвестициите на Серта компани, од пред неколку дена е рестартирана и прилепската кланица, која набрзо ќе може да извезува во ЕУ.
Ристо Михајлов, сопственик на Серта компани, кажа дека веќе десет години работат како кланица извозник.
„Секоја година ја зголемуваме количината за извоз, а извезуваме на италијанскиот, грчкиот, српскиот, хрватскиот и на црногорскиот пазар. Добрите резултати кои ни доаѓаат од извезеното јагне во сите тие пазари е нашиот бренд. Презадоволни сме од квалитетот што го извезуваме“, рече Михајлов.
Тој додаде дека планираат годинава да го зголемат извозот за 20% до 30% во однос на 2013 година и смета дека тие резултати ќе ги остварат со оглед на тоа како одат работите досега.