Mittal повеќе не е добредојден во Франција

51

Францускиот министер за обнова на индустријата, Арно Монтбур, за весникот Les Echos изјави дека повеќе не го сака челичниот гигант Arcelor Mittal во Франција и дека бара индустриски партнер кој привремено би го презел работењето на оваа група.

“Не го сакаме Mittal во Франција, затоа што тие не ја почитуваат Франција”, изјави министерот и додаде дека оваа компанија не ги исполнила ветувањата кон земјата.

Arcelor Mittal ги затвори високите печки во Флоранж во источна Франција, но остатокот од погонот работи нормално. На двете печки беа вработени околу 550 работници од вкупно 2.800 во целиот погон во Флоранж.

Побарувачката за челик од Флоранж опаѓа поради намаленото производство во француските фабрики за автомобили, што пак е последица на падот на продажбата.

Од оваа компанија на 1 октомври најавија дека ќе ги затворат печките и и дадоа на француската влада рок од два месеци да најде купувач. Рокот наскоро истекува, а напнатоста меѓу Mittal и Франција расте, затоа што владата тврди дека има две понуди, но само за цел погон. Mittal ја отфрла таа можност, па министерот Монтбур минатата недела во расправа пред француските сенатори се закани со привремена национализација, пишува Лидер.

Од Mittal предупредуваат дека продажбата на целиот погон во Флоранж би ги загрозил останатите негови активности во Франција, во кои, според споствени наводи, се вработени околу 20.000 работници.